Бирото за процена е орган на државната управа во состав на Министерството за правда, со својство на правно лице.
Основано е со Законот за основање и работа на Републичкиот завод за судски вештачења во областа на финансиите, материјалното работење и сообраќајот (Службен весник на СРМ бр. 9/77) и истото работи континуирано од 01.04.1979 година.
Потребата за негово формирање од страна на правосудните органи и институции е утврдувањето на фактичката состојба која мора да биде во согласност со највисоките научни достигнувања и стручно знаење во постапките пред судовите. Бирото е единствен специјализиран буџетски орган кој врши: вештачењa и супер вештачења како второстепен орган по веќе изготвени наоди и мислења од други приватни агенции и вешти лица, а начелото на двостепеност го пропишува и гарантира Уставот на Република Македонија.
Бирото за судски вештачења повеке од три децении е значаен сегмент во правосудниот систем на државата, кој обезбедува вештачења, супер вештачења и процени во повеќе области за потребите на јавниот и приватниот сектор во Р.Македонија.
Извршувајќи ја компетентно својата функција под мотото “Стручност и сигурност“ Бирото дава значаен придонес кон развој на вештачењето кое мора да биде независно, реално и во согласност со највисоките научни достигнувања.
Како сервис на судовите и обвинителствата, Бирото за судски вештачења активно е вклучено и дава поддршка на државата во борбата со организираниот криминал, вршејќи сложени вештачења како и решавање на најтешките предмети од областа на организираниот криминал.
Нашата визија е одржување на висок квалитет на вештачењето, развој на нови методологии, нови видови на услуги, а основна цел создавање на стручна институција која ќе продолжи со вршење на независни и стучни вештачења и процени, но и ќе понуди нови услуги од областите кои ги покрива се со цел подобрување на правниот и економскиот систем во Република Македонија.
Со последните измени и дополнувања на законот за вештачење (Сл.весник на РМ 43/2014) се уредуваат и надлежностите на Бирото за судски вештачења, организацијата и работењето како и други прашања од значење за судските вештачења, супервештачења, процени и грижа за унапредување на работите на вештачењето.
Согласно новиот Закон за вештачење, објавен во Службен весник бр. 154 од 20.7.2023 година, Бирото за судски вештачења продолжува да работи како Биро за процена.